Претставници од единаесет македонски компании од прехранбената индустрија присуствуваа на практичната обука насочена кон пронаоѓање решенија за извоз на нивните производи во услови на глобална економска криза, која се одржа на 14.10.2022 година во организација на Експорт Академија при Matrona Consulting.

На обуката, експерти од оваа област детално ги објаснија процедурите и начините за финансирање и осигурување на извозот, стандардите што се потребни, како и начини за пронаоѓање партнери за вмрежување, истражување на странски пазари и вклучување во големи синџири на снабдување.

Како заклучок од обуката, беше истакнато дека бизнисите се движат кон глобализација, но за да бидат конкурентни на странските пазари, ќе треба да покажат ниво на адаптација согласно локалните регулативи, да ги искористат локалните можности за поддршка и соработка со локалните заедници, како и да демонстрираат вложување во општествена одговорност.

„Поради ограничените ресурси на македонската мала и сè уште неинтегрирана национална економија, во вакви исклучително тешки услови, македонските мали и средни претпријатија се оставени практично сами на себе и на глобалниот пазар се во директна конкуренција со компании од развиени земји кои имаат огромна институционална поддршка. Се надеваме дека со вакви практични обуки, компаниите ќе си помогнат меѓусебно за поголем извоз, а некои помали компании ќе бидат охрабрени да започнат со извоз. Исто така, ќе се обидеме да влијаеме на нивното поуспешно справување со кризни состојби, како и на нивната поголема конкурентност и успех на странските пазари“ – изјави Тања Евросимовска, основачка на Експорт Академија и Matrona Consulting.

Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка, Дарко Стефановски, претставник од Развојната банка на РСМ, Кристијан Балески и Дарко Заев од извозниот сектор на брендот Mamas, Едвард Софески од Стопанската комора за мали бизниси и Ленче Николoвска, директор на Агроteam, ги презентираа своите анализи, споделија мислења и предложија решенија.

Обуката беше поддржана од меѓународната компанија MARF Shipping & Forwarding како генерален спонзор.

„Експорт Академија организираше исклучително интересна и уникатна работилница, која, во форма на дебата и интеракција на сите учесници, ги допре најважните точки на извозните активности на македонските компании од прехранбената индустрија, ставајќи посебен акцент на предизвиците што ги носи глобалната економска криза предизвикана од војната во Украина. Експерти од реалниот бизнис-свет, врз основа на своите искуства, дадоа конкретни и ефикасни насоки за меѓународните бизнис-активности кои компаниите од прехранбената индустрија треба да ги следат за да излезат како победници во овие неизвесни времиња. Искрено се надевам дека Експорт Академија на Matrona Consulting ќе продолжи со оваа серија обуки, бидејќи концептот што го има академијата е навистина уникатен и целосно ефикасен“ – изјави Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка.

Поради големиот интерес на малите и средни претпријатија за практични совети и споделување искуства од успешни и поголеми компании, Експорт Академија на Matrona Consulting најавува серија идни обуки на различни теми поврзани со извозот и подобрување на конкурентноста на компаниите.

ВИДЕО ОД ОБУКАТА – КЛИКНИ ТУКА

***

Обуката е организирана од Експорт Академија на Matrona Consulting, професионална и научна организација која се занимава со извозот и интернационализацијата на македонските компании, применувајќи во пракса потврдени професионални искуства од врвни експерти, научни истражувања, вмрежување и соработка со реномирани индустрии од странство.

Matrona Cons е консултантска компанија која работи на интернационализација на бизнисот и извоз, стратешки развој на компании и програми за едукација за извоз за мали и средни претпријатија во регионот на Југоисточна Европа/Балканот (www.matronacons.com и www.exportacademy.io) со канцеларии во Скопје, Белград и Љубљана.

Matrona Cons е ексклузивен претставник на неколку водечки брендови како што е RGX – глобален експерт за извоз, меѓународна консултантска компанија со присуство во повеќе од 60 земји (www.rgxonline.com), како и Export-Akademie Baden-Württemberg од Германија (www.eabw.org/en/), организација за обука и консултации која повеќе од 35 години се фокусира на зелени технологии и дигитализација.