27 април 2026, Битола
Во Битола се одржа 5-от Бизнис форум, во организација на Ротари клубот „Битола Широк Сокак“ и Регионалната комора Битола, на тема „Локален бизнис – глобални пазари: можности за извоз и економска соработка“. На настанот присуствуваа претставници на бизнис заедницата и на локалните институции, меѓу кои и градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски. Целта на форумот беше да се отвори дискусија за можностите за развој на извозот на компаниите
од Пелагонискиот регион, како и за улогата на економската дипломатија во поттикнување на интернационализацијата на домашните претпријатија.
Изборот на темата не е случаен. Пелагонискиот регион традиционално се потпира на земјоделското производство и преработка, а е еден од најголемите производители на јаболка, тутун и млеко во земјата. Поволната географска положба, близината до земја членка на Европската Унија, како и подобрувањата во патната инфраструктура, отвораат дополнителен простор компаниите од регионот да ја зголемат својата извозна ориентација. Токму затоа форуми од ваков карактер добиваат сè поголемо значење за локалниот бизнис сектор.
Во рамки на форумот, нашата Академија за извоз ја водеше едукативната сесија „Од локален до глобален бизнис“, преку која нашата директорка, Тања Евросимовска, презентираше практични насоки за подготовка на компаниите за излез на странски пазари. Сесијата беше насочена кон чекорите што ги преминуваат компаниите при интернационализацијата, од истражување на странски пазари и извозна документација, до градење извозни капацитети и долгорочна конкурентност.
Форумот беше заокружен со панел дискусија на тема „Улогата на економската дипломатија и конзуларните претставништва во поддршка на извозот и развојот на меѓународната економска соработка“, во која учествуваше и Љупчо Велески, професор на нашиот модул Меѓународна продажба, заедно со претставници на дипломатски и конзуларни претставништва. Се дискутираа конкретните механизми преку кои дипломатските мисии можат да помогнат во поврзувањето на домашните компании со странски партнери и пазари. Учесниците во панел дискусијата истакнаа дека зајакнувањето на соработката меѓу бизнис секторот, стопанските комори и дипломатските претставништва може значително да придонесе за подобра промоција на македонските компании на странските пазари и за отворање нови економски можности.
Форумот претставуваше платформа за размена на идеи и искуства и за воспоставување нови деловни контакти, со цел поттикнување на економскиот развој на регионот. Учеството на нашата Академија на настан од ваков карактер уште еднаш ја потврди потребата од поврзување на образованието, бизнис заедницата и институциите во градењето посилен и поконкурентен извозен сектор, не само во Скопје, туку и во другите региони низ земјата.