19 февруари 2026, Скопје

На 19 февруари 2026 година, во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа тркалезна маса посветена на промоцијата на Академијата за извоз „Комерцијалист за меѓународна продажба“, како и на актуелните состојби, предизвиците и перспективите на македонскиот извоз во 2026 година. Настанот обедини бројни претставници на бизнис заедницата, експерти од областа на меѓународната трговија, претставници на институции, стопански комори и финансискиот сектор.

Извозот претставува еден од најважните двигатели на македонската економија, а неговиот раст директно придонесува за зголемување на конкурентноста на домашните компании, отворање нови работни места и одржлив економски развој. Сè поголем број компании покажуваат интерес за настап на странските пазари, но истовремено се соочуваат со предизвици кои бараат специјализирани знаења, практични вештини и институционална поддршка. Токму овие теми беа во фокусот на дискусиите за време на настанот.

Во рамки на промоцијата, дел од предавачите на Академијата за извоз – Тања Евросимовска, Љупчо Велески, проф. д-р Вера Бошкова и проф. Весна Георгиева Свртинов ги претставија модулите на Академијата, концептот на наставната програма, начинот на реализација на предавањата и практичниот пристап кој им овозможува на учесниците да стекнат применливи знаења и вештини за успешно работење на меѓународните пазари.

Во панел-дискусијата учествуваа Крум Ефремов од Министерството за надворешни работи, Ивица Ангеловски од Министерството за земјоделство, Драган Ивановски од Царинската управа, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата, Драган Пехчевски од Сојузот на стопански комори и Александра Николова од Халк Банка. Панелот беше модериран од Љупчо Велески, при што се разви конструктивна дискусија за актуелните предизвици, можностите и идните насоки за развој на извозниот сектор.

Во текот на дискусијата беше истакната потребата од посилна координација помеѓу институциите, стопанските организации и приватниот сектор, со цел создавање поконкурентно и поповолно деловно опкружување за македонските извозници. Посебен акцент беше ставен на потребата од развој на стручни извозни кадри, унапредување на извозните компетенции и обезбедување континуирана поддршка за компаниите кои веќе извезуваат или планираат да настапат на нови пазари.

Како еден од заклучоците од настанот беше потенцирана потребата од континуирано инвестирање во знаење, практични вештини и професионален развој на извозните кадри, како предуслов за зголемување на конкурентноста на македонските компании на меѓународните пазари.

Настанот уште еднаш потврди дека интернационализацијата и развојот на извозот остануваат меѓу најзначајните приоритети за развој на домашната економија. Преку Академијата за извоз, Матрона Конс продолжува активно да придонесува кон развојот на нова генерација извозни професионалци и кон зајакнување на капацитетите на македонските компании за успешно работење на странските пазари.