Во периодот од 24 до 26 јуни 2024 година, Тaња Евросимовска, заедно со дел од тимот на експерти со кои Академијата долгорочно соработува, учествуваа како предавачи на тридневната обука „Како до поголем извоз?“, организирана од М6 Едукативен центар.

Во рамки на обуката, Тaња Евросимовска одржа предавање на тема Како до поголем извоз, со фокус на извозни стратегии, како и на најбитните фактори и ризици за успех на меѓународните пазари. Учесниците добија практични насоки за планирање на извоз, избор на странски пазари и управување со ризици при меѓународно работење.

Љупчо Велески, Директор за извоз во Витаминка АД, со своето долгогодишно практично искуство во извозот и интернационалното работење, ги сподели клучните аспекти поврзани со бенефитите од извозот, проценката на извозниот потенцијал, развојот на извозна стратегија и меѓународен маркетинг план.

Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ и експерт соработник на Export Academy, одржа предавање на тема поврзана со девизниот пазар и меѓународната трговија, при што се осврна на изборот на целни странски пазари, пристапот до квалитетни странски купувачи, ценовната политика, моделите на плаќање и правните и логистичките аспекти на извозните активности.

Преку практични примери, студии на случај и интерактивни дискусии, учесниците имаа можност да ги применат стекнатите знаења во реален бизнис контекст, со цел успешно проширување на странските пазари и зголемување на извозните приходи.

Оваа обука уште еднаш ја потврди мисијата на Export Academy by Matrona Cons во обезбедување практично знаење, експертска поддршка и долгорочна вредност за компаниите ориентирани кон меѓународен раст.